Микел Хансен и Кристина Неагу најдобри ракометари за 2015-та

Со задоцнување од неколку месеци меѓународната ракометна федерација ги прогласи победниците во трката за најдобар светски ракометар во машка и женска конкуренција за изминатата година.

Кај мажите признанието најдобар светски ракометар за 2015-та година му припадна на данскиот репрезентативец и член на ПСЖ, Микел Хансен. Дваесет и осумгодишниот лев бек изминатата година го освои Купот и Лигата на Франција, а со постигнати 141 погодок во сезоната 2015/2016 од Лигата на шампионите се закити со титулата прв стрелец. По Хансен, на второто место во изборот на ИХФ се најде неговиот клупски колега Никола Карабатиќ (Франција), на трето место Домагој Дувњак (Хрватска) , Тиери Омејер (Франција) и последен Рафаел Капоте (Катар).

Кај дамите романската репрезентативка Кристина Неагу ја понесе титулата најдобра светска ракометарка за 2015-та година со 50,5 % од гласовите на новинарите и 72,9 % од гласовите на фановите. Зад неа се најдоа Хајди Локе (Норвешка), Нике Грот (Холандија), Каролина Кудлач (Полска) и Нора Морк (Норвешка).