Мешков Брест купи нов десен бек од Балканот

Откако останаа без Шиме Ивиќ, кој по само една сезона во Мешков Брест, ќе си замине во бундеслигашот Ерланген, луѓето од раководството на белорускиот првак ангажираа нов десен бек од балканските простори.

Босанскиот репрезентативец Марко Паниќ, потпиша двегодишен договор и од следното лето се сели во Белорусија, откако ќе ја доигра сезоната во полскиот тим Азоти Пулави, каде што е најдобар стрелец.

„Навистина сум среќен поради овој договор. Мешков Брест е амбициозен проект и навистина успешен клуб. Одлично е што ќе бидам дел од таа приказна“, вели Паниќ.

27-годишниот десен бек, кој е еден од ретките ракометари во светот што подеднакво добро игра и со лева и со десна рака, кариерата ја започна во родното Јајце, а потоа играше за Борац Бања Лука, францускиот Шамбери и сега е член на Азоти.