Мечкароски: Очекувам тежок натпревар, но предноста на Струга е домашниот терен

Ракометарите на Струга во дербито на 7 коло од Првата Лига се среќаваат со тимот на Преспа од Ресен. Избраниците на Наум Танески имаат 5 победи и само 1 пораз од фаворизираниот тим на Бутел, па со право очекуваат продолжување на победничката серија и против големиот ривал. Голманот на домаќините, Кристијан Мечкароски вели дека предноста е на нивна страна.

„Очекуваме тежок натпревар против Преспа. Добро го познаваме противникот, но нашата предност ќе биде домашниот терен и помошта од публиката. Иако имаме тим составен од млади играчи помогнат од неколкумина поискусни, сепак играме одлично на стартот на сезона. Се надеваме на победа и посакуваме да го задржиме второто место што води во баражот за Суперлигата.“ – изјави Мечкароски.

Натпреварот меѓу Струга и Преспа се игра денеска со почеток во 12:30 часот во салата „Нико Нестор“.