Металурзите го совладаа косовскиот шампион

Во пријателски натпревар одигран во спортската сала Автокоманда, тимот на Металург го совлада косовскиот првак Беса Фамиглиа со резултат 34-23(18-9).

Во одлична атмосфера која ја приредија најверните навивачи на Металург, двете екипи понудија интересен почеток на мечот. Иако домаќините први стигнаа до предност од два погодока, по првите 10 минути двете екипи беа изедначени на четири погодоци. Бувиниќ ја започна серијата голови која го одлучи победникот. Со одлична игра во средината на првиот дел, Металург постигна 7 невозвратени голови за висока предност од 10-4.

MAK (rakomet) PRIJATELSKA Metalurg-Besa-0745

Новото засилување на Металург, Шаин влезе во 15-та минута и постигна два погодока.

Најблиску до предноста на домаќините, ракометарите на Беса беа на четири разлика, за последен пат во 23-та минута(12-8). Во финишот на првиот дел ракометарите на Лино Червар постигнаа шест голови, додека гостите само еден за конечни 18-9 по првите триесет минути. Дупјачанец имаше одлична партија против својот поранешен клуб и забележа 10 одбрани во првото полувреме.

MAK (rakomet) PRIJATELSKA Metalurg-Besa-0730

Во вториот дел продолжи добрата игра на Металург, која Талески ја круниса со гол од пенал, за двоцифрена предност (22-12 38’). Косовските ракометари се обидоа да се вратат во игра, но успеаа да симнат само три погодоци од високата разлика што беше недоволно за изненадување. Во средината на вториот дел се разбуди поранешниот „вардарец“ Анте Кукрика, но на спротивната страна парираше расположениот Бувиниќ, а водството на домаќините остана непроменето. Бувиниќ и Костески повторно ја вратија високата предност од десет голови, а Матиќ во 49-та минута ги постави највисоките единаесет голови предност (29-18). Во рутиниран крај за двете екипи конечниот резултат само го потврди квалитетот на Металург. По шеесет одиграни минути Металург го совлада составот на Беса Фамиглиа со конечни 34-23.

MAK (rakomet) PRIJATELSKA Metalurg-Besa-0648

Најпрецизни во тимот од Автокоманда беа Бувиниќ и Талески со по седум постигнати голови, додека Костески уфрли шест за својата екипа. Кај Беса најпрецизен беше Јуа Кастриот со седум постигнати голови.

ФОТО:ФИЛИП ВИРАНОВСКИ