Металург Јуниор го освои Чаир, на Риниа не и помогна ниту Анѓелковиќ

Ракометарите на Металург Јуниор излегоа како победници на дербито во Првата лига, откако славеа на теренот на кој ретко која екипа успевала да победи така лесно. Избраниците на Благојче Весиќ ја победија Риниа со 29:33 и најавија кандидатура за врвот и пласман во Суперлигата.

На стартот се играше гол за гол до 6:6, пред гостите да се одлепат на 6:9, предност која успешно ја задржаа до крајот на полувремето, 11:14. Во вториот дел не се смени многу во односот на силите, па Металург Јуниор иако важи за млада екипа, сепак искусно ја одржуваше разликата и до крајот немаше поголеми проблеми околу потврдата на победата.

Предводник на победничкиот тим беше повратникот на ракометните терени, Виктор Петковски со 7 голови, 6 даде Марио Гичев, додека Александар Мазниковски и Нино Ѓировски стрелаа по 5 пати. Во домашниот тим само Филип Анѓелковиќ кој даде дури 17 голови, успеваше некако да парира, но не можеше сам против сите.