Металург шансата ќе ја бара на домашен терен: Нов пораз за „сино-белите“ во Загреб

По третото коло во групата А од Лигата на шампионите, Загреб го совлада Металург со 19-17 и со четири бодови се искачи на второто место на табелата. Македонскиот шампион е прикован на дното на табелата со три порази, а во следното коло го пречекува германскиот шампион Кил.
Металург делуваше деконцентрирано во нападот, а без вистинско решение сите обиди завршуваа како лесен плен во рацете за голманот Ивиќ. Натпреварот го отвори Павловиќ, а Хорват зголеми на 2-0 од пенал. По првите 6 минути игра, нападот на Металург предводен од Наумче Мојсовски конечно го пронајде патот до голот на хрватите. Играта на Металург ја доби својата препознатлива форма кога Павел Атман за прв пат влезе во игра. Предноста која на почетокот ја создаде домаќинот Загреб ја задржа до истекот на првите 30 минути, а одличната одбрана и грубата игра, која ја допуштитија словенечките судии, не дозволија поголем број постигнати голови. По првиот дел резултатот беше 10-8.
Вториот дел започна со два гола за Степанчиќ, но овојпат Металург со одлична транзиција и  брза игра возврати преку Миркуловски и Атман за само еден гол предност на домаќинот во 36-та минута. По 10 минути игра во вториот дел Ојлевски го донесе првото израмнување на 13-13, а Џукиќ и Циндриќ го донесоа првото водство на Металург 13-15. На одличната 4-0 серија на гостите одговорија хрватите со 5-1 и во последните 10 минути ја обезбедија победата од 19-17.
Златко Хорват беше беспрекорен од линијата за 7 метри (7/7) и со 9 погодоци е најефикасниот играч на натпреварот, кај македонскиот првак Циндриќ постигна 4, а Атман 3 погодоци.