Металург убедливо против Раднички: Овосезонско деби за Нелоски и Талески

Во последниот натпревар од второто коло во СЕХА лигата, македонскиот шампион Металург со импресивна игра, предводен од Дејан Манасков, убедливо го совлада тимот на Раднички од Крагуевац со 35-22.

Квалитетот на македонскиот првак во ниту еден момент не дојде во прашање дури ни во пресрет на овој натпревар, српскиот клубски ракомет во моментот е далеку од македонскиот двоец Металург и Вардар, затоа во пресрет на мечот управата на Металург му даде тежина на овој натпревар преку вклучување на љубителите на ракометот во хуманитарна акција „Шанса за живот“ со купување билет.

На самиот почеток гостите се обидоа да го направат натпреварот неизвесен, во тоа успеваа до 7-мата минута кога со серија од 3-0 Металург ја најави разликата во квалитет. Во 16 минута Гоце Георгиевски ја донесе првата предност од 5 разлика за 12-7, а до 20-та минута заиграа речиси сите ракометари кај македонскиот првак. Марко Неловски во 20-та минута го постигна својот прв гол за екипата на Металург оваа сезона, а неговиот репрезентативен колега Талевски тоа го стори во второто полувреме.

По првите 30 минути, домаќините имаа 9 голови предност 20-11.

Вториот дел „сино-белите“ го  започнаа со зголемување на предноста на највисоки 22-11 со двата погодока на Манасков. Исто како и кон средината на првото полувреме, во 15-та минута играта на гостите се распадна, одбраната на Металург беше поконцентрирана, а нападот ефикасен. Веќе во 52 минута Наумче Мојсовски ги одведе ракометарите од Автокоманда на 16 голови предност 32-16 што само значеше рутинско приведување на крај на овој натпревар за конечни 35-22.

Најефикасен на натпреварот беше Манасков со девет погодоци, а Марсениќ и Ѓукиќ постигнаа 5, во тимот на Раднички, Пралица, Продановиќ и Грбовиќ постигнаа по три голови.

Во следното коло Металург му гостува на Веспрем во дербито на колото, а Раднички го пречекува Борац.