Металург стартуваше без македонскиот репрезентативец: Допрва ќе се решава статусот на Нелоски

На првиот тренинг на македонскиот вицепрвак Металург, го немаше македонскиот репрезентативец Марко Нелоски. Во финишот на минатата сезона, Нелоски побара исписница од тимот на Автокоманда, а беше договорена и оштетата, бидејќи бекот има договор со Металург и за оваа сезона.

Нелоски се поврзуваше со трансфери во Магдебург, Пелистер, Вардар, но засега нема ништо од евентуалното заминување во некој од овие клубови. Тој се уште се води како ракометар на Металург, а за напуштање на клубот, потребно е да се плати високо обештетување, кое неофицијално изнесува 30.000 евра.

На штотуку завршеното СП за младинци, Нелоски настапуваше за последен пат во младинска конкуренција, а претодно беше дел и од сениорската репрезентација на Мундијалот во Франција.

Тимот од Автокоманда не сметаше на услугите на Нелоски за претстојната сезона, а ростерот на играчи е комплетиран. Затоа Металург денеска ќе одлучи каков чекор ќе преземе во врска со неговиот статус во клубот. Во голема мера конечната одлука ќе зависи од тренерот Червар. Металург утре заминува за Маврово, а потоа следува настапот на струшкиот турнир.