Металург со прва гостинска победа во ЛШ: По Талески, Елверум без решение и за Кузмановски

Македонскиот вицепрвак Металург со првата победа на гостински терен по втор пат го совлада норвешкиот претставник Елверум овојпат во рамките на седмото коло од Групата Ц во Лигата на шампионите. Составот на Червар водеше во текот на целиот натпревар и заслужено се враќаат од Норвешка со два бода.

Почетокот на натпреварот ја најави доминацијата на Металург во првиот дел, одличната игра, грешките во нападот на домаќините и добрата одбрана им овозможија на гостите предност од високи 5-13 по 20 минути игра. Сепак домаќините успеаа да се вратат во натпреварот, а до крајот на првиот дел намалија на 9-14.

Елверум вториот дел го започна одлично. Мотивот и лошата игра во нападот на Металург им овозможија на норвежаните да се доближат до 13-14, а минималната резлика ја одржуваше до средината на вториот дел, кога Металург благодарение на Арсиќ се врати на разлика од 3 голови (17-20 Кузмановски). Но домаќините не се предадоа, до 47-та минута се вратија на само гол разлика. Во финишот на натпреварот се разбуди Филип Талески, Металург повторно се одлепи на четири голови предност со погодокот од својата половина на теренот за 23-27, веднаш потоа Талески постигна уште еден гол, а Арсиќ го пратеше со одлични интервенции. На пет минути до крај Обрадовиќ постигна уште еден лесен гол за Металург и ја донесе највисоката разлика на овој дуел од 23-29 за комплетен шок кај ракометарите на Елверум.  Во формалната завршница македонските ракометари ја одржуваа разликата за нова победа над норвешкиот противник во Лигата на шампионите, овојпат поуверливо со конечен резултат 25-31.

Најпрецизен во составот на Металург беше Кузмановски со 9, а го следеа Обрадовиќ со 6 и Велковски со 5 голови. Кај домаќините Поклар постигна 7 погодоци, а Пујол пет пати се запиша во листата на стрелците.