Металург со камата му наплати на Вардар Јуниор

Ракометарките на Вардар јуниор се враќаат без бодови од градското дерби со Металург одиграно во Автокоманда. Домашните ракометарки победија со 27:18 и му се реваншираа на тимот предводен од Симе Симовски за поразот што го доживеаја на самиот почеток на првенството.

За разлика од првиот меч кој заврши 27:25 за Вардар Јуниор, овој дуел помина во комплетна доминација на Металург, кој водеше во текот на сите 60 минути, повремено и со максимални 11 голови разлика. За разлика од домашниот тим, младите вардарки играа лошо во текот на целиот натпревар дозволувајќи му на противникот да ја има контролата над резултатот.

Вардар Јуниор првпат погоди во 10 минута, а до крајот на полувремето веќе губеше со 13:6. Во вториот дел предноста беше зголемена за уште 2 гола за конечни 27:18. Граматова со 9 и Калајџиевска со 8 го водеа домашниот тим, додека кај Вардар Јуниор се истакна Божиновска со 7 голови.