Металург се избори за првата овосезонска битка со Вардар

Во натпревар со две сосема различни полувремиња екипата на Металург со победа од 33-26 над полскиот Азоти Пулави се избори за ново финале на интернационалниот ракометен турнир Струга  2014.

Во првите 30 неизвесни минути Металург се обидуваше да најде лек за одличниот напад на Азоти предводен од Никола Прце. По контранападот на полјаците, Јан Собол го постигна неговиот прв погодок, за предност од четири голови во 19-тата моинута 9-13. Со три голови предност натпреварот влезе во завршните три минути од првиот дел, но Манасков, а потоа и Циндриќ ја намалија предноста на два гола за гостите од Полска за крај на првото полувреме.

Вториот дел Металург го започна поангажирано и поагресивно во одбраната, што вроди со плод. Од 40-тата минута екипата на Азоти Пулави постигнуваше гол на секои десет минути што беше пресудно за конечните седум разлика во корист на Металург. Искуството од поквалитетни натпревари за ракометарите на Металург се покажа како пресудно, убоитите контри и полуконтри и концентрираната одбрана на македонскиот првак ги доведе до уште едно финале на интернационалниот ракометен турнир Струга 2014.