Металург се враќа кон врвот на група Ц: Талески повторно блесна, Татран повторно падна во Скопје!

Македонскиот вицепрвак со нови два бода се искачи на третата позиција во Група Ц од Лигата на шампионите откако вечерва во спортскиот центар „Борис Трајковски“ го совлада словачкиот претставник Татран Прешов. По високата победа во СЕХА лигата, ова е втор пат Метaлург да ги совлада гостите од Прешов овојпат во елитното натпреварување.

Гостите ја имаа иницијативата и предноста во поголемиот дел од првото полувреме, но составот на Червар не дозволи нов пораз од стариот познаник. По воведните 10 минути Татран имаше предност од 0-3, а дури во 11-та минута Талески за прв пат ја затресе мрежата на Чуприна. Во играта каде доминираа голманските интервенции подобро се снајде Металург и до 16-та минута го изедначи резултатот на 5-5. Металурзите почекаа до 20та минута за првото водство на овој натпревар, две минути подоцна расположениот Талески им овозможи два погодока разлика. Но искуството и мирната игра ги вратија Словаците во егал завршница, која заврши со погодок на Талески за конечни 11-10.

mettat

Почетокот на вториот дел знаечеше најава на победата за „сино-белите“. Со 4 погодоци во низа Метaлург имаше предност од 15-10, но гостите веднаш возвратија и ја намалија високата разлика на само два гола негатива. Токму таа разлика се задржа низ средината на вториот дел, се до 47та минута кога со нова низа од 4 погодоци Метaлург ја запечати својата победа. Во последните 10 минути домаќините имаа и шест погодока предност, а на крај натпреварот заврши со конечни 26-20.

Најпрецизен на дуелот беше Талески со 10 погодоци, додека Гуглета и Обрадовиќ го следеа со 5. Кај гостите Рабек постигна 6 погодоци. Еден од најзаслужните за победата на Металург беше голманот Дарко Арсиќ кој  собра 12 интервенции.