Металург предодреден за возбудливи натпревари: Мешков се спаси во последните две секунди од натпреварот!

Заврши полусезоната во најсилното натпреварување за Металург. Во натпревар од осмото коло на групната фаза од Лигата на шампионите, македонскиот шампион одигра нерешено во “Борис Трајковски” со екипата на Мешков од Брест.
Тимот од Автокоманда го започна натпреварот со одличен погодок на Ренато Вугринец, но Брест ја превзема иницијативата и водството со два врзани погодоци од контра-напад за 2-1. Гостите предноста ја задржаа до 7-та минута кога Металург со пожртвувана и мудра игра ги искористи грешките на противникот и со головите на Вугринец, Манасков и одличниот Миркуловски за прв пат на натпреварот создаде предност од два гола 6-4.
Предноста на Металург траеше до 15 минута кога противникот ја започна серијата од 6-0 за првото посериозно водство од 7-11 во 24-та минута. До крајот на првото полувреме Металург намали дел од разликата и на пауза замина со негатива од два гола 12-14.
Миркуловски беше заслужен за првиот гол во второто полувреме и намалување на водството на противникот на само еден гол. Белорускиот шампион не дозволи изненадување и со два погодока од брзи полуконтри повторно направија сигурна предност од три голови. Во 50-та минута Наумче Мојсовски го врати својот тим во игра со четвртиот гол за 23-24.Но Брест умешно ја сочува предноста до 55-та минута на натпреварот, Металург во желбата да фати приклучок играше брзоплето во напад,а искусниот тим на Брест тоа умешно го користеше тоа и постојано ја одржуваше дистанцата од два гола. Притисокот од трибините си го направи своето, Металург на крилата на своите најверни навивачи од пенал преку Манасков намали на само еден гол разлика, во фуризна завршница со мотивирана и концентрирана одбрана ги искористи грешките на противникот, а Мојсовски и Вугринец стрелаа прецизно за првото водство на Металург на натпреварот по почетните 1-0.
Последните две минути поминаа во тензична атмосфера, Металург имаше шанса да ја зголеми предноста на два гола, но обидот на Наумче Мојсовски го одбрани Пешиќ.
Во последниот напад Брест преку искусниот Манојловиќ го изедначи резултатот за конечни 27-27.
Најпрецизен во редовите на Металург беше Манасков со 8 постигнати погодоци, додека кај гостите Растко Стојковиќ постигна шест погодоци, а Манојловиќ беше прецизен пет пати.