Металург поразен од ПСЖ на премиерниот натпревар во ЛШ

Во својот прв натпревар од годинешното издание на ЕХФ Велукс Лигата на шампионите, екипата на македонскиот шампион Металург беше поразена на свој терен од француски  ПСЖ со 22-27 ( 11-11).  Французите се реваншираа за стартниот пораз во ЛШ минатата година кој им го нанесе токму Металург во првото коло.

Стратегот на Металург се одлучи да го започне натпреварот без класичен десен бек, користејќи го Наумче Мојсовски на позицијата десен бек. Металург конфузно го започна овој натпревар и после првичното водство од 1:0 следуваше период на голем број технички грешки во нападот кој во комбинација со неколкуте судиски одлуки како и промашениот пенал на Циндриќ во 12 минута резултираште со негатива од 3:7 во 13 минута на натпреварот. Тоа беше аларм за стратегот на клупата на Металург да го повика првиот “тајм аут” по кој настаните на теренот добија поинаков тек. Металург беше многу посигурен во нападот и Манасков беше незапирлив од својата позиција, постигнувајќи два погодоци по ред по што Металург се доближи на еден гол разлика 7-8 во 20 минута од натпреварот. Со голот на М’тима ПСЖ успеава до 27 минута да го одржи водството од два погодоци разлика по што Металург со головите на Липовина и Марсениќ одговори на најдобар можен начин и ги постави конечните 11-11 во првите 30 минути.

Првите 10 минути од второто полувреме поминаа во изедначена игра на двете страни по што следуваше серија на ПСЖ од 5-1 за водство од 17-21 во последната четвртина на натпреварот. Металург го пружи и последниот отпор на натпреварот кога преку Лука Циндриќ успеа да намали на 21-22 на седум минути до крај, но тоа беше се од “сино- белите” на овој натпревар.  Последниот удар на натпреварот го зададоа ракометарите на ПСЖ кои со нова серија од 5-1 ги поставија конечните 22-27  на овој натпревар, и му се реваншираа на Металург за стартниот пораз  во минатогодишната сезона на ЛШ.

Најпрецизен во редовите на Металург беше Филип Миркуловски со 5 постигнати погодоци, го следеа Манасков и Марсениќ.

Во редовите на ПСЖ,  најдобар стрелец беше Хансен со 6 погодоци, додека Лук Абало постигна 5. Стандардно добар на голот беше Омејер кој имаше 11 успешни интервенции.