Металург нема друг избор: Спортинг мора да падне во Скопје

Ракометарите на Металург по двата порази во Лигата на шампионите и едниот помеѓу во СЕХА Лигата, од Монпелје, Војводина и Бешикташ, денеска ќе атакуваат на прва победа во најквалитетното европско клупско натпреварување и прекин на црната серија. Противникот не е нималку наивен, португалскиот шампион Спортинг Лисабон.

Гостите во четвртокот доцна вечерта имаа тежок натпревар против големиот ривал Порто кој го загубија, а вчера цел ден го минаа на пат за Скопје, што значи дека во натпреварот нема да влезат свежи и во победничко расположение, ако се знае дека претходно загубија дома од Мотор Запорожје.

Но ако се знае дека на голманската линија се Чудиќ и Ашанин, на пикерската Копчо и Роча, на крилните Никчевиќ и Портела, а на бековските позиции искусните Руесга и Божовиќ, тогаш може да се констатира дека Спортинг Лисабон е тим што може да парира на секој противник.

Металург ќе биде предводен од тренерот Червар, кој се врати од Хрватска. Тимот од Автокоманда нема да го има во составот словенечкиот интернационалец Јануш Лапајне, кој замина во Татран Прешов, а нови имоња во составот се Даниловски, Шилегов, Арсеновски и Серафимов.

Мечот меѓу Металург и Спортинг Лисабон се игра денеска со почеток во 17:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“.