Металург на рехабилитација во Нови Сад

По високиот пораз на гостувањето кај Монпелје во првото коло од Лигата на шампионите, а пред значајниот дуел од второто коло против турскиот Бешикташ на домашен терен, ракометарите на Металург ќе го одиграат натпреварот од 4 коло во регионалната СЕХА Лига. Избраниците на Лино Червар денеска гостуваат во Нови Сад, кај српскиот шампион Војводина.

Македонскиот вицепрвак ќе бара рехабилитација за поразот во ЛШ, а има одличен противник за такво нешто. Српскиот тим непосредно пред дуелот со Металург го смени тренерот Бошко Рудиќ, а досега во три натпревари забележа три порази и тоа од Загреб, Нексе и од дебитантот Динамо Панчево.

Металург замина за Нови Сад без кружниот напаѓач Жарко Пешевски, а нема да игра ниту десното крило Мице Шилегов. Но Червар има на располагање доволен број ракометари, па нема да се почувствува остуството на Пешевски и Шилегов. Дуелот меѓу Војводина и Металург се игра денеска со почеток во 17:45 часот.