Металург на нов испит во ЛШ без капитенот

Ракометарите на Металург со биланс од два порази и една победа во Лигата на шампионите, отпатуваа на далечната дестинација, Харков во Украина. Македонскиот вицепрвак ќе биде значително ослабен на бековската линија, бидејќи капитенот Филип Кузмановски не отпатува со тимот.

Бекот заработи мала повреда на дуелот со хрватскиот Загреб во СЕХА Лигата, но иако не е ништо сериозно, сепак од Автокоманда, не сакаат да ризикуваат и Кузмановски остана дома. Александар Јовиќ во отсуство на Лино Червар, повторно ќе биде предводник на македонскиот вицешампион.

Металург и Мотор Запорожје беа во иста група во ЛШ и пред две сезони, кога украинскиот шампион победи двата пати во дуелите со македонскиот тим. Има голем број измени во двата состави, но главно играта на Мотор се врти меѓу бековите Малашинскас, Пуховски и Шелменко, во комбинација со пикерот Бабичев, па тука избраниците на Јовиќ ќе треба да обрнат внимание во одбраната.

Средбата со Мотор Запорожје се игра со почеток во 15:00 часот во спортскиот комплекс на Локомотив Харков.