МЕТАЛУРГ ИСПУШТИ ПОБЕДА ПРОТИВ КРАСНОДАР

Руски Кранодар и Металург беа тимовите кои од 18:00 часот го отворија вториот ден на турнирот “Вардар”. По изедначеното прво полувреме кое Краснодар го заврши со гол позитива (12-11), Металург одлично го отвори вториот дел успевајки да обезбеди водство од високи шест гола разлика 15-21 кои на крајот не беа доволни за прва победа на турнирот. Русите со серија од 4-0, во последните пет минути се изборија за реми 27-27 по кое и двата тима стигнаа до првите бодови.

За разлика од вчерашниот натпревар против Кристијанштад, металурзите многу подобро го започнаа натпревар имајки водство од 9-7 (18.мин). Новото засилување Божовиќ и Бојан Маџовски беа ракометарите кои имаа најголем удел за добрата игра и водството на Металург во тие моменти. Првото полувреме продолжи со изедначена игра во која Металург со петтиот гол на Божовиќ поведе со 10-11 на две минути до крајот, но русите со двата брзи гола на Шеричников и Челичников успее да отидат со гол позитива на полувреме 12-11.

Металург со фуриозна серија од 6-1 го отвори вториот дел и по девет минути игра поведе со 13-17, што беше знак за тајм-аут на гостинскиот тренер. Добрата игра на ракометарите на Червар продолжи и во наредните минути кои преку Талевски стигнаа до највисоките 15-21 во 43.минута. Сигурната позитива Металург ја одржуваше до 55.минута кога преку Божовиќ поведе со 23-27, но русите одговорија со 4-0 серија и преку Пченичников успеаа да израмнат на 27-27, за вистинска драма во последните триесетина секунди. Металург имаше шанса за победа но ударот на Мраковчиќ беше блокиран за конечни 27-27 и поделба на бодовите.

Најпрецизен во составот на Металург беше Божовиќ со девет, а одлична партија забележа и Бојан Маџовски кој постигна седум погодоци. Во тимот на Краснодар се истакна Волубјев со шест гола.