Металург издржа едно полувреме во Брест

Ракометарите на Металург ја продолжија серијата порази и во регионалната СЕХА Лига. Тимот од Автокоманда дури и во најдобрите времиња тешко минувал во Белорусија, па така и сега, Брест Мешков немаше поголеми проблеми да ја обезбеди победата со 35:30. Од Брест, металурзи ги чека ново патување, до Турција, каде веќе в сабота ќе го играат дуелот против шампионот Бешикташ, во рамките на Лигата на шампионите.

Домашните отворија со предност од 3:1, но Металург врати преку Гуглета и Анѓелиќ за 3:3. Се играше гол за гол до 5:5, пред Брест Мешков да ја направи серијата од 4 голови, за прво посериозно водство. Избраниците на Сергеј Бебешко имаа и плус 5, 12:7 во 16 минута, но тимот од Автокоманда стигна до 13:13 со двата врзани гола на Филип Кузмановски. Металург направи неколку технички грешки во серија и домашните повторно се одлепија на плус 3, 18:15, но до паузата тоа беше намалено со головите на Пешевски и Кузмановски за 18:17.

Во вториот дел македонскиот вицепрвак беше во игра само до 36 минута кога Јагањац погоди за 22:20. Никуленкау и правеше големи проблеми на одбраната на Металург и поведе серија за 28:22, а истиот играч ги донесе највисоките плус 7 за Мешков, 31:24. Мацкевич на голот исто така знаеше да обрани некој зицер и Металург немаше шанси до финишот да поправи било што, па мораше се помири со пораз од 35:30.

Најдобар поединец во македонскиот тим беше капитенот Кузмановски со 8 голови, а Јагањац даде 7, додека 4 постигна Пешевски. Кај Брест Мешков се истакна Ѓорѓиќ со 6, додека 5 пати погоди Никуленкау.