Металург за влакно се спаси од налетот на Вардар

Вардар и Металург во рамките на 6. коло од Женската лига одиграа реми (24:24). Гостинот од Автокоманда беше голем фаворит на оваа средба, но не успеа да ја прикаже својата игра бидејќи вардарки беа многу мотивирани и на крајот стигнаа до бод иако можеа до сите три.

Металург можеби играше и помалку растоварено поради тоа што е на чекор до титулата, но истото можеше скапо да ги чини. Од самиот старт Вардар покажа дека ќе ја бара победата и прикажа голем карактер кој резултираше со израмнет почеток и малку голови.

Домаќините имаа иницијатива, имаа и кратки предности кои Металург експресно ги возвраќаше, а на полувреме се замина со 9:8 во корист на Вардар. Вистинско дерби гледачите имаа можност да видат во вториот дел во кој темпото се разгори.

Успешно реализираните шанси на двете страни и се помалиот број на технички грешки донесоа игра гол за гол во која сепак девојките предводени од Симе Симовски подобро се покажаа и се доведоа во ситуација со еден шут во последните секунди да дојдат до голем триумф. По неколку додавања за шут се издигна средниот бек Андреа Седлоска која за жал ја погоди пречката и резултатот остана нерешен, 24:24.

Токму Андреа Седлоска беше најефикасна со осум гола од кои пет дојдоа до пенал. Одлична на гол беше и голманката на Вардар, Јована Трајковска. Во гостинскиот табор отсуствуваше Марија Гајиќ поради повреда, а се истакна Теодора Гулицоска со осум гола. На табелата нама промени, а Металург е на чекор до трофејот во Женската лига.