Металург загуби на гостувањето во Скјерн

Ракометарите на Металург се враќаат од Данска со минимална негатива и втор пораз во натпревар од групната фаза на понискиот ранг на Лигата на шампионите. Домаќините, екипата на Скјерн беше посреќна во последните одлучувачки минути и со гол во последните секунди од натпреварот ја запечати победата со конечни 20-19 (8-10).
Одличен натпревар одиграа ракометарите на Лино Червар, а Матиќ и Божовиќ се обидуваа да го надополнат отсуството на повредениот Мраковчиќ. Металург го постигна првиот гол, но следните три погодоци се запишаа зад имињата на ракометари од домашниот состав. Тимот од Автокоманда повторно го превзема водството во 15-та минута со голот на Матиќ,а во следниот напад Божовиќ го зголеми резултатот на два гола, разлика која Металург успеа да ја одржи до крајот на првиот дел за 8-10.
Во второто полувреме „сините“ ја одржуваа контролата над резултатот до 40-та минута, а во 42-та Олсон повторно го врати водството во редовите на Скјерн. Резултатската нишалка од последниот дел на натпреварот немаше среќен крај за македонскиот претставник. Во последните секунди од натпреварот при резултат 19-19, Јоргенсен стрелаше прецизно за ново славје во редовите на Скјерн.
Најпрецизен на овој дуел беше Божовиќ со 11 погодоци, Матиќ постигна четири, а Костески три голови. Дупјачанец повторно одигра одличен натпревар, но неговите интервенции не беа доволни да се избегне поразот. Кај домаќинот Олсон запиша шест голови зад своето име, додека Јоргенсен постина четири.
Во следното коло Металург гостува во Романија кај Баја Маре, натпреварот ќе се одигра на 18.10.2015 со почеток од 16:00 по локално време.