Металург доминантен во македонската лига

Македонскиот претставник во Б-дивизијата на Лигата на шампионите, екипата на Металург изминатава седмица одигра два дуели во македонската Супер лига.

ПЕЛИСТЕР-МЕТАЛУРГ 19-27 (8-11)
Некогашниот шампион во средата гостуваше во Битола, кај Пелистер. Очекувано, Металург победи со резултат 19-27 (8-11) пред околу 1500 гледачи во спортската сала „Младост“.
Домаќините имаа предност од два погодока по првата четвртина од натпреварот, но металурзите со серија од 5-0 го превземаа водството и кон крајот на првиот дел ја зголемија разликата на четири погодоци. По првите триесет минути, на семафорот остана запишан резултатот 8-11 за гостите од Скопје.
Почетокот на вториот дел, ја најави доминацијата на Металург. По првите две минути тимот од Автокоманда создаде серија од 3 голови, а веќе по 10 минути имаа предност од 10-17. До крајот на натпреварот составот на Лино Червар ја одржуваше предноста која достигнуваше до највисоки 10 погодоци, за конечни 19-27.
Најпрецизни во таборот на Металург беа Јанко Божовиќ со пет и Филип Кузмановски со четири погодоци. Кај домаќините се истакна пивотот Петар Топиќ со осум постигнати голови.

ПРИЛЕП-МЕТАЛУРГ 27-32 (11-19)
Уште една рутинирана победа на Металург во македонската Супер лига. Во саботата, во спортската сала Ричко во Прилеп, сините ја совладаа екипата на Прилеп со 27-32. Металурзите сите дилеми околу победникот ги разрешија уште на крајот на првото полувреме кога со серија од 5-0 содадоа разлика од седум голови, 8-15, а до истекот на првите триесет минути ја зголемија предноста за уште еден погодок за конечни 11-19.
На самиот почеток на второто полувреме, Прилепчани го намалија резултатот на само три погодоци, 17-20, но одличните индивидуалци во Металург го засилија темпото и се вратија на пристојна разлика од пет погодоци, предност која ја зачуваа до самиот крај за конечни 27-32.
Најпрецизен на теренот беше Никола Костески со седум голови за победничката екипа, додека за домаќините Шаренац постигна шест погодоци.

По седум одиграни кола, Металург има 100% ефект и ја предводи табелата во Супер лигата пред Охрид, Работнички и Вардар Јуниор.