Металург го слави јунакот Талески и првата победа во Лигата на шампионите

Металург ја отвори својата нова ракометна приказна во рамките на Лигата на шампионите со победа против екипата на Елверум. Во драматичен финиш, со гол на Филип Талески во последните секунди тимот од Автокоманда успеа да триумфира над норвешкиот преставник со резултат 18-17 (8-7).

Почетокот на натпреварот мина во знакот на капитенот на сино-белите, Филип Талески кој го отвори натпреварот со гол од пенал , по што следуваа два гола на противниците за нивно прво водство (1-2). Во минутите што следуваа Талески стрелаше прецизно за израмнување (2-2), два пати беше сигурен од линијата за седум метри и еднаш прецизно стрелаше кон празниот гол на Елверум за резултат (5-3). Конечно по 19 минути игра уште еден ракометар на Металург се запиша во листата на стрелците, со два погодоци едно по друго Драгаш му донесе највисоко водство на нашиот преставник (7-3). Во последните десетина минути од првиот дел концентрацијата во редовите на Металург попушти па противникот успеа да направи серија од 4-1 и со само еден погодок разлика да замине на полувреме (8-7).

metalelver-12

Филип Талески со погодок го отвори и второто полувреме (9-7), по што следуваше погодок и на Кузмановски за пристојно водство на Металург (10-7). Ракометарите на Елверум направија мини серија од 2-0 и се доближија на само еден негатива на истекот на 35-тата минута, но следуваше серија од 3-0 и на страната на Металург за (13-9). На средината на вториот дел сино-белите останаа без двајца свои ракометари  , а тоа го искористија гостите и го изедначија резултатот (14-14). Следуваше краток период на игра гол за гол (16-16). На две минути пред крајот повторно на сцена настапија хероите во редовите на Металург. Филип Талески му донесе водство на својот тим (17-16), а Дарко Арсиќ успешно се спротистави на налетот на Елверум. Голманот на Елверум возврати со иста мера за драма и повторно изедначување на пола минута пред крајот (17-17), но златното момче во тимот на Металург го запечати натпреварот на најдобар можен начин со гол во последните две секунди за прва победа во рамките на новата сезона на Лигата на шампионите.

metalelver-4
Најефикасен во составот на Металург беше Филип Талески со 13 погодоци, а голманот Дарко Арсиќ запиша 17 одбрани зад своето име.
Следниот натпревар во Лигата на шампионите Металург го игра на 01.10. каде и гостува на екипата на Татран Прешов.