Металург без Нелоски на мегдан со Татран

По гостинската победа над Елверум во Норвешка, како и по поразот на Ла Риоха од Монпелје, ракометарите на Металург имаат шанса да се борат за второто место во Групата Ц од Лигата на шампионите кое води во 1/16 финалето, односно во елиминациската фаза.

За такво нешто се потребни две домашни победи над Татран и над Чеховски Медведи, како и триумф на гостувањето во Шпанија. Првата победа над словачкиот првак, избраниците на Червар ќе мора да ја бркаат без Марко Нелоски, кој нема да биде во составот на Металург поради повреда, а ќе ги нема и одамна повредените Марчец и Младеновиќ, како и Драгаш и заминатиот Брајовиќ.

Дуелот против Татран се игра во ВИП Арената во СЦ “Борис Трајковски“, со почеток во 17:30 часот.

Состави:

Mеталург: Арсиќ, Томовски, Дупјачанец, Петров, Дрогришки, Костески, Обрадовиќ, Кузмановски, Илиќ, Печенковски, Талески, Велковски, Пешевски, Палевски, Гуглета, Арсеновски.

Татран Прешов: Рабек, М.Сарпатаки, Хуменански, Хрстка, Крок, Садовиј, Л.Сарпатаки, Урбан, Бражник, Пешков, Вучко, Јанковиќ, Палеш, Царапкин.