Медведи од „лавовите“ направија мачиња

Ракометарите на Металург не успеаја да ја продолжат убавата серија во Лигата на шампионите и загубија во се чини решавачкиот натпревар за останување во трка за втората позиција. По Бешикташ, Чеховски Медведи е втората екипа што успеа да слави сезонава во Скопје, овојпат со резултат 26:29. Многуте технички грешки, четири промашени пенали и пропустлива одбрана беа дел од причините за неуспехот.

Кузмановски, Јагањац и Анѓелиќ отворија со промашувања, и гостите поведоа со 0:3. Металург првпат погоди дури во 7 минута преку црногорскиот интернационалец. Санталов и Андрееев не ги простуваа грешките на домашните и „мечките“ веќе беа на 1:5.

За момент Палевски и Пешевски намалија од високата негатива на минус 3, 5:8, но техничките грешки и промашните прилика на гостите им донесоа и плус 6, 6:12 во 20 минута. Беше и 7:13, па мораше да има промена на голот на Металург и Томовски застана меѓу стативите.

Врза две одбрани и тимот на Јовиќ веќе беше на пристојна негатива, 10:13, со головите на Јагањац, Пешевски и Анѓелиќ. Велковски беше исклучен, па Медведи имаа највисоки 11:17, но на пауза се замина со 12:17.

Не се промени многу приказната ниту на стартот на вториот дел, иако Металург ја подобри играта. Сепак гостите некако ја одржуваа разликата во нивна полза. Јовиќ ги повлече Јагањац и Анѓелиќ од игра, ги внесе Танкоски и Арсеновски како втор пикер, но ниту македонската седморка на теренот не намали од високото гостинско водство.

„Медведи“ зголемија и на плус 7, 18:25 во 47 минута, а последниот бран на Металург тргна со головите на Пешевски, Серафимов од пенал и Гуглета за 21:25 во 49 минута. Полека се топеше гостинската предност и веќе беше 23:26 во 52 минута, но Гуглета промаши за минус 2 и тука беше крајот на надежите за нешто повеќе.

Гостите рутински одработија до крајот и славеа со 26:29. Најефикасен поединец во редовите на Металург беше Анѓелиќ со 5, а по 4 дадоа Пешевски и Гуглета, додека голманот Томовски имаше 10 интервенции. Кај Чеховски Медведи се истакнаа Санталов со 7 и Андреев со 6 голови. Следен предизвик за македонскиот вицепрвак ќе биде натпреварот со досега непоразениот тим во групата Д, Монпелје, а мечот се игра следната недела во Скопје.