Мега-дерби без победник за крај на Бундес викендот!

Изминатиот викенд продолжија возбудувањата во најсилната БУНДЕС лига. Во рамките на 28-то коло, постигнати се следниве резултати:

Хамбург-Гопинген 30-29(15-16),
Некогашниот европски шампион со пресврт во вториот дел дојде до важна победа против 5-то пласираниот состав на Гопинген. Во натпревар со многу голови и ефикасни напади Хамбург го совлада тимот на Гопинген кој во последните 5 дуели има само 2 победи и тоа извојувани на домашен терен.
Кил-РН Ловен 23-23 (11-10),
Шлагот на Бундес-викендот беше натпревар на два гиганти кои се борат за титулата во БУНДЕС лигата. Натпревар кој го одбележаа голманите и цврстите одбрани. Во преполната Шпаркасен арена во Кил, во фер игра ослабениот состав на Кил без 4 повредени првотимци, но со голема поддршка од публиката, одиграа одличен натпревар. Домаќините во 49-та минута имаа четири голови предност (21-17), сепак гостите од Манхајм преку расположениот Грецки на крилна позиција и Реинкинд го насочија натпреварот кон неизвесна завршница. Новото засилување на Кил за следната сезона, инзворедниот Данец, Никлас Ландин со 16 одбрани беше еден од клучните ракометари на ова дерби. Тренерот Гисласон на прес конференцијата го пофали целиот свој тим за борбеноста и желбата и покрај повредите на поединци од првиот тим поради што екипата не е комплетна. Додека на спротивната страна Николај Јакобсен истакна дека е задоволен од бодот на ова супер тешко гостување.
Вајнхолд со 5 погодоци беше најефикасен стрелец за Кил, додека кај РНЛ, Геншајмер со 8 голови беше прв стрелец на мечот. Веќе на следниот натпревар кој се игра утре, „лавовите“ имаат шанса да го превземат водството во најсилната лига на светот од Кил.

Фленсбург-Минден 27-24(13-11),
Конечно добра партија, пред се во одбраната на сеуште актуелниот европски првак Фленсбург. Тимот на тренерот Вранеш се врати на победичките патеки овојпат во својата ФЛЕНС арена, против составот во кој настапува Миладин Козлина. Минден има 3 порази на последните 5 одиграни средби и е во опасната зона, додека Фленсбург е сигурен на 3-та позиција, но и далеку назад зад водечкото дуо. Ова е прва победа во последните 3 средби за Фленсбург, но добар сигнал дека кризата можеби е зад нив.
Фризенхајм-Фуксе Берлин 26-31(15-15),
Популарните ‘лисици’ во вториот дел од мечот го скршија отпорот на домашниот тим пред нивната френетична публика во Фридрих-Еберт Хале, која е со капацитет од 2250 седишта. На југо-западот од Германија, во натпревар со расположени стрелци тимот на Томас Куниг сепак немаше решение во одбраната за прецизните напади на Фуксе Берлин. Тренерот на гостите Дагур Сигурдсон добро ја постави играта на својот тим по што следуваше победата.
Лемго-Бергишер 34-26(13-16),
После слабото прво полувреме и негативата од 3 разлика, пулените на тренерот Дирк Бејхлер после паузата го свртеа резултатот во своја корист, во второто полувреме како нова екипа да истрча на теренот во Липерланд Хале и пред својата публика во крајно борбен ракометен натпревар го доби вториот дел со 21-10, или севкупно со 34-26. Тимот на тренерот Себастијан Хинце од друга страна покажа дека е во слаба форма и на 5 последователни натпревари има само една победа.
Либек-Битигхам 32-24(15-13),
Домашниот состав во Креисспорт Хале го победи фенерџијата на табелата. Победникот во ниту еден момент не беше доводен во прашање, а публиката можеше да види брзи акции, успешни контри и полуконтри и ефикасен домашен напад. Либек има +4 бодови во однос на местата кои водат во понизок ранг и борбата за опстанок ќе се води до самиот крај на лигата.
Вецлар-Ерланген 28-26(16-11)(ФОТО),
Вецлар на нашиот репрезентативец Манасков одигра квалитетен натпревар пред својата публика во Ритал арената. Тренерот на гостите, Роберт Андерсон пред себе ќе има тешка задача да обезбеди опстанок со тимот на Ерланген. Вецлар е безбеден на средина од табелата, но Ерланген е претпоследен и е во лоша форма со 3 едноподруго порази. Манасков (7 голови) со уште еден инзвореден натпревар ја придобива на своја страна публиката и ракометната јавност во Германија, која знае да препознае квалитет.