Мајнов до крајот на сезоната во Ал Наср од Дубаи

Десниот бек на екипата на Е. Работник, Лазо Мајнов утре заминува за Дубаи каде што ќе ја продолжи својата кариера. Тој одново оди во интернационалци, а до крајот на сезоната ќе биде дел од екипата на Ал Наср.

„Ова беше понуда која што не се одбиваше. Задоволен сум од условите и утре ќе заминам за да го потпишам договорот со мојот нов тим. Договорот ќе биде до крајот на оваа сезона, а во текот на шампионатот ќе разговараме и за понатамошна соработка“, информираше Мајнов, кој вчера против Металург 2 го одигра последниот меч за Работник.

Тој се договори со сега веќе својот претходен клуб така што нема да има никакви проблеми околу заминувањето.

„Се договоривме со одговорните во клубот и нема никакви проблеми. Тие имаа разбирање така што пријателски се разделуваме. Задоволен сум од тоа што наидов на разбирање од нив“, рече Мајнов.

Тој е играч кој во својата кариера настапуваше за екипите на Вардар, Металург, Загреб, Трембле… и уште неколку други тимови во коишто имаше забележителни партии. Има и над 50 натпревари во репрезентацијата на Македонија. Инаку, има 37 години и добро искуство зад себе.