Мајиќ: Осакатени сме од повреди, но секоја прилика ќе ја искористиме најдобро што знаеме

Сите погледи во 4. коло од Супер машката лига се насочени кон градот покрај езерото, каде што составите на Охрид и Радовиш ќе имаат пресметка за меѓусебен престиж и за подобрување на позицијата на табелата. Ова е дуел на две екипи коишто конкурираат за место во плеј-оф групата, а тоа значи дека нема опуштање и дека денеска ќе влезат со сите сили по бодови. Предноста поради домашниот терен е за охриѓани, но дефинитивно нема да биде лесно бидејќи и едните и другите ќе сакаат да се изборат за победата и да дојдат до три бода. Црногорскиот интернационалец Мирко Мајиќ вели дека проблем за неговиот тим се повредите.

„Охрид е секако фаворит на овој натпревар, не само поради домашниот терен, туку и поради квалитетот. Ние за жал не сме комплетни и тоа ни претставува голем проблем, бидејќи имаме кратка ротација. Нема да играат Стефан Чизмовиќ и Милан Левов поради повреда, но секако ние одиме таму да дадеме се од себе и ако ни се укаже каква била прилика, ќе ја искористиме најдобро што знаеме.“ – вели Мајиќ.

Дуелот меѓу Охрид и Радовиш се игра со почеток во 19:30 часот во СЦ „Билјанини Извори“.