Мајиќ и Дрогришки пред промоција во Металург

Дваесет и седум годишниот репрезентативец на Црна Гора, Мирко Мајиќ, е блиску до потпис со составот на Металург. Управата на тимот од Автокоманда е пред договор со левото крило на Макс Струмица кој треба да ја затвори левата крилна позиција за наредната сезона. Со Металург изминативе неколку месеци се поврзуваше и српскиот интернационалец Вања Илиќ, сепак мала е веројатноста овој трансфер да се реализира.
Мајиќ во кариерата има настапувано за тимовите на Будуќност со кој два пати бил шампион на Црна Гора, Рудар, Сутјеска и Даниловград.
Во Автокоманда ќе настапува уште еден македонски репрезентативец, станува збор за капитенот на Пелистер, Стефан Дрогришки кој ја договори својата соработка со клубот на почетокот на полусезоната. Единствен проблем може да биде обештетувањето кое Металург би требало да го покрие, но добрата соработка меѓу двете екипи и конкурентоста на Пелистер оставаат простор овој трансфер да биде реализиаран.
Пелистер се обиде да создаде силна екипа изминатава сезона, но на крај заврши во плеј-аут фазата од македонскиот шампионат. Тоа беше причина повеќе дел од поквалитетните играчи да побараат нова средина во која ќе ги исполнат своите амбиции.

Стефан Дрогришки игра на позиција лев бек и е најдобар стрелец во својот тим. 22-Годишниот битолчанец минатата сезона требаше да ја помине во екипата на Констанца, но откако се случи крахот на романскиот шампион, тој се врати во матичниот клуб каде ја заврши сезоната. Дрогришки ќе му се приклучи на својот поранешен клупски колега Филип Кузмановски во новиот предизвик од Автокоманда.

До официјализирање на договорот останува простор новиот тренер на битолчани, Касим Каменица да го премисли капитенот на „зелено-белите“, а за тоа има уште еден месец, до започнување на подготовките за наредната сезона.