Магична игра на Вардар: „Црвено-црните“ преку Висла во четвртфиналето

Денешниот натпревар за Вардар беше тест на квалитетите на македонскиот вице-првак, тест на искуството кое Вардарци го собраа играјќи во најелитното натпреварување, тест на нервите на љубителите на ракометот во Македонија. Поразот од шест голови разлика во Плоцк ветувaше мотивиран, динамичен натпревар пред темпераментната македонска публика, натпревар на сè или ништо. Вардар заедно со својата „црвено-црна“ армија буквално ја демолираше полска Висла совладувајки ја со високи 31-20 (14-10).
РК Вардар Скопје 31-20 Висла Плоцк (14-10)
FLP_2564
Одличниот почеток на Вардарци го најави продолжението на првите триесет минути. Карачиќ го постигна првиот погодок, а веднаш по него Горбок го постигна својот прв од вкупно седумте погодоци во првиот дел. Ракометарите на Висла не дозволија храбрата борба во Полска да биде веднаш заборавена, во 5-та минута за прв пат го изедначија резултатот на 3-3.
FLP_2756
Изедначена игра ги карактеризираше наредните пет минути од натпреварот, по кој обете страни постигнаа уште по еден погодок. Наредниот период целосно му припадна на Вардар, благодарение на одличните реакции на Штербик, Вардар создаде два гола предност 6-4. Јуркиевич за момент ја прекина серијата на Вардарци, но расположените Карачиќ и Горбок ја зголемија предноста на домаќините на четири погодоци во 19-та минута, 9-5. Првата предност од пет погодоци во 25-та минута ја донесе најрасположениот ракометар во „црвено-црниот“ дрес, Сергеј Горбок со својот седми гол. До крај на првиот дел, Висла намали еден погодок од високата предност на домаќините за конечни 14-10.
FLP_2700
Во вториот дел Вардар ја промени одбраната, се чинеше како Раул Гонзалес да ги штеди силите на Вардарци за последните триесет минути, Душебаев продолжи онаму каде што Горбок застана. Фантастичниот Штербик беше последниот бедем на „црвено-црната“ одбрана. По првите две минути од вториот дел Вардар веќе ги имаше потребните шест погодоци. Повратникот во тимот од Плоцк, Адам Вишњевски за момент ја врати екипата на Висла во игра, но следуваа нови блескави моменти во кои Вардар врза пет голови во низа за првото двоцифрено водство. Честа да ја затвори серијата му припадна на најдобриот поединец во вториот дел Алекс Душебаев за 21-11 по петнаесет минути игра во вториот дел.
Висла најблиску до водството на Вардар беше во 47-та минута,кога се доближи на на -7, но Вардарци бргу ја вратија двоцифрената предност која Стојанче Стоилов ја претвори во 11 голови предност пет минути пред крај на натпреварот. До крајот Вардарци играа за публика, Петар Ангелов ја крена арената на нозе по одбранетиот седмерец на Гионеа, а „црвено црните“ ја испратија Висла дома со конечни 31-20.
Најпрецизни во таборот на домаќините беа Душебаев со девет и Сергеј Горбок со осум постигнати гола. Арпад Штербик натпреварот го заврши со 13 интервенции.
Во екипата на Висла Плок Јуркевич, Вишњевски и Ракотеа постигнаа по три погодоци.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ

Забрането превземање на фотографии без одобрение од Редакцијата