Матлиески со поддршка за Стрезовски: Мастер лиценцата е чекор напред во кариерата

Во саботата на состанокот на тренерите, претседателот на здружението на тренери, Гино Стрезовски соопшти дека во иднина екипите од Супер лигата ќе може да бидат водени само од тренери кои ќе поседуваат Мастер лиценца. Со оглед на тоа што неколку тренери веќе ја поседуваат, а уште една група посетува семинари за скоро добивање на истата може да се очекува бројката да се зголеми, па да нема проблеми за тоа.

Она што Стрезовски го говореше дека во Супер лигата ќе работат само тренери со Мастер лиценца наидува на одобрување кај Никола Матлиески. Тој е во новата група која веќе почна со семинарите во Хрватска за добивање на Мастер лиценцата. Матлиески беше дел од првиот семинар, а очекува на следните два модули да се стекне со истата.

„Ракометот се стреми да го достигне нивото на фудбалот каде има многу лиценци. Го сметам тоа како надградба на тренерите и посетување за дополнителна едукација со цел за напредок. Јас го поддржувам тоа. Тие се одржуваат на секои две години, па одредена група на тренери кои немаат категорија во здружение на тренери мора да почекаат. Јас сум дел од групата на тренери кои на вториот модул одиме во Пореч, па се надевам дека во Умаг ќе успееме да дојдеме. Мораме да одиме чекор по чекор. Очекувам следната година да имаме уште повеќе. Мораме да го направиме првиот чекор. Тоа останува од работата на тренерите. Дипломата не го прави тренерот подобар или полош туку колку сака да вложува во себе“, изјави за 24 ракомет, Матлиески.