Матлиески: Повторување на ланскиот успех би билo одлично за Пролет во овој состав

Победата од 21:19 на стартот од сезоната најави добра сезона за екипата на Пролет и атак на висока позиција во првиот дел од сезоната.  Јасно е дека тимот не е на нивото од минатата сезона кога имаше далеку поквалитетен состав, но тоа не значи дека и сезонава нема да биде конкурентен бидејќи најголемиот дел од играчите играа и лани.

Пролет практично го имаше најголемиот трансфер во домашното првенство бидејќи успеа да го добие Мартин Поповски од Вардар кој уште на првиот натпревар покажа дека ќе биде огромно засилување.

„Претрпевме измени во играчкиот кадар. Дел од играчите си заминаа, но нашата цел и желба е и со оваа екипа која што ја имаме да го повториме успехот од минатата сезона и да играме во плеј-офот“, рече Матлиески.

Во однос на конкуренцијата за висок пласман и битката за плеј-офот има неколку клуба за кои смета дека можат да се вклучат во трката за место на првите четири позиции кои напролет водат во новата лига заедно со Вардар и со Еурофарм Работник.

„За Металург не треба да кажуваме посебно дека е фаворит и дека отскокнува во однос на другите екипи во лигата. Охрид е засилен и е исто така кандидат за пласман во плеј-офот. Бутел Скопје исто бидејќи го задржа костурот на играчите од минатата година. Оттаму сметам дека Охрид и Бутел Скопје на некој начин се фаворити од сенка. Ние, Струга и Радовиш би требало да се вмешаме во трката за место во плеј-офот“, коментираше Матлиески за новата сезона во Супер машката лига.

Пролет после стартната победа против тимот на Охрид ќе има можност за уште еден триумф на гостувањето кај Металург 2, но нема да биде воопшто лесно против составот кој демонстрираше одлична игра на средбата против првиот тим на Металург.