Матлиески: Немаме класичен лев бек, но имаме висок тимски дух и максимална борбеност

Првото дерби сезонава во Супер машката лига заврши со победа на екипата на Пролет над Охрид од 21:19 во меч во кој домашните беа во предност од првата до последната минута. Пролет успеа да покаже дека годинава ќе игра уште поколективно од лани и дека ќе може да му парира на секој ривал особено на домашен терен.

„Очекувано тежок натпревар, но за нас ниту еден натпревар нема да биде лесен сезонава. Секој дуел ќе биде максимално тежок. Охрид настапи како фаворит на овој дуел и тоа добро засилен на секоја позиција. Моите играчи дадоа 100 проценти од својата сила, се бореа максимално и затоа победија. Многу повеќе ја посакуваа победата. Сметам дека бевме попаметни и потрпеливи ги искористивме шансите кои ни се укажаа и мислам дека целата заслуга оди на моите играчи кои со целата мотивираност и борбеност ја добија оваа средба иако квалитетот на хартија беше на страната на противникот“, вели тренерот на Пролет, Никола Матлиески.

Со заминувањето на Манасков и повредата на Василевски екипата е практично без класичен лев бек во нападот.

„Игравме без класичен лев бек, но Џонов одлично се снајде и на моменти Андоновски. Сепак, нашата игра е течна и имаме добар проток на топка. Добро разигруваме со пивоти и мислам дека покрај добрата игра во одбрана ќе не краси и брзата игра во напад. Џонов е лево крило кој солидно покрива и на бековските позиции, но му треба период да се навикне, но верувам дека ќе биде сè подобар играч за оваа позиција“, коментираше Матлиески за 24 Ракомет.

Следниот натпревар екипата на Пролет го игра во Автокоманда и ќе и гостува на екипата на Металург 2.