Матлиевски нов тренер на Металург 2

Досегашниот тренер на кадетскиот погон во Автокоманда, Никола Матлиевски ќе го замени на клупата на Металург 2, Александар Петровски.

Петровски минатата недела официјално беше назначен за директор на спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, па ќе мора да ја напушти клупата на македонскиот суперлигаш, но ќе остане дел од стручниот штаб на тимот.

Неговото место ќе го завземе Никола Матлиевски, кој во новата сезона шанса ќе им даде и на неколку ракометари од кадетската екипа. Како дел од стручниот штаб ќе остане и довчерашниот помошник на Петровски во Металург 2, Раде Стојановиќ.

Металург 2 минатата сезона ја заврши на претпоследната позиција во Суперлигата, а во бараж натпреварот против Вардар 2 успеаа да се изборат за опстанок во најсилната ракометна лига во Македонија. Четворица ракометари од тој тим сега се промовирани во најсилниот состав на Металург, а нивните места треба да ги заменат ракометари од кадетската екипа.