Матијас Андерсон замина во репрезентативна пензија

Голманот на Флензбург и на шведската репрезентација Матијас Андерсон, во иднина ќе им се посвети само на клупските настапи. Откако од селекторската функција се повлекоа Ола Линдгрен и Штафан Олсон, уште неколку играчи ги следеа нивните стапки. Капитенот на Шведска, Тобијас Карлсон, Ким Андерсон, Фредрик Петерсен, Ким Екдал ду Риц, веќе нема да го носат дресот со националниот грб, а истото тоа го најави и Матијас Андерсон, кој цели 18 години го носеше дресот на Шведска.

38-годишниот голман од светска класа дебитираше во 1998 година и оттогаш настапи на 143 меча за Шведска на повеќе ЕП, СП и ОИ. Тој го освои златниот медал со скандинавската земја на Европското во Хрватска и сребрениот медал на Олимписките игри во Лондон. Во Флензбург е веќе петта сезона, а претходно има играно и за Кил, Барселона, Гросшвалтат, Истад и Дрот.