Марсениќ: Вардар е европски шампион и така треба да се однесува

Напорниот распоред на играње натпревари во Лигата на шампионите и СЕХА лигата за Вардар завршува по гостувањето  викендов во Словенија, кај екипата на Целје. По тој меч следува мала пауза поради ЕХФ неделата резервирана за репрезентативните активности. „Црвено-црните” патуваат во Целје со добра серија од 11 натпревари во сите натпреварувања во новата сезона во кои освојуваат бодови, и како лидери на табелата во СЕХА  со пет победи по ред. Пикерот на Вардар, Мијајло Марсениќ очекува продолжување на победничката серија.

„Не очекува тежок меч после доста трошење на дуелот со Барселона, па потоа дојде и Загреб, и тука требаше да се потрудиме на почетокот. Така ќе биде и во Словенија, имаме мали проблеми со повредите. Ние сме европски прваци и треба така да се однесуваме, да сме мотивирани. Тие играат добро, играат со многу трчање, брзи напади и се надевам ќе го сопреме Млакар нивниот најдобар играч и дека ќе славиме во Словенија.“ – вели Марсениќ.

Ова ќе биде втора сезона во која во СЕХА Лигата, Вардар ќе игра против Целје. Лани во 5 коло македонскиот првак триумфираше убедливо на гости со 40:29, а на реваншот во Скопје беше 33:31. Словенците лани не стигнаа до Ф4 турнирот, а Вардар по третпат го освои големиот пехар од ова регионално натпреварување.

Натпреварот меѓу Целје и Вардар се игра утре со почеток во 17:45 часот.