Мароко нов предизвик за Томе Петрески

Поранешниот кормилар на Прилеп, Томе Петрески во новото интернационално искуство како тренер својата кариера ќе ја продолжи во Мароко.  Новиот предизвик, поранешниот македонски репрезентативец, а сега успешен тренер ќе го бара на африканскиот континент, во составот на Мулудиа Спортиф Оујда.

„Се договорив за соработа од една сезона со екипата Мулудиа Спортиф Оујда. Ова е нов предизвик за мене. Денес почнуваме со скратени подготовки за Арапскиот Куп кој почнува на 13 септември. Учество ќе земат 14-16 екипи од сите арапски земји.

Потоа следат подготовките за националното првенство на Мароко, кое започнува во втората недела од октомври. Целта на клубот е пласман во плеј-оф фазата и нормално, што подобар пласман. Лигата е поделена на две групи во кои има по 10 екипи.Првите три екипи од секоја група ќе настапат во плеј-оф фазата на мароканскиот шампионат “-истакна Томе Петрески за 24Ракомет.

Во својата богата ракометна кариера Петрески играше за најдобрите екипи од Македонија, а има запишано и настап во француската лига, каде по завршување на ракометната кариера како тренер водеше два ракометни клуба. Во Македонија кратко седеше на клупата на битолски Пелистер, а пред една сезона го водеше амбициозниот ракометен клуб Прилеп, но состојбите во македонскиот ракомет и финансиските проблеми беа причина за разделба.