Марко Кизиќ: Знаев дека ќе бранам, но не очекував вакво мое издание

Вардар имаше голема помош од голманот Марко Кизиќ. Тој одбрани одлично на средбата и успеа да собере 13 одбрани од игра и два од пенал со што доминираше во одбраната на „црвено-црните“ кога беше најпотребно.

Кизиќ бранеше 60 минути и Парондо во ниту еден момент немаше потреба да менува бидејќи тој беше најконстантниот на теренот.

„Најважно е дека успеавме да победиме. Против Металург секогаш играме малку потешки натпревари. Имавме улога на фаворит, па со тоа имавме и притисок. На тој начин добивме шанса и ние помладите“, коментираше Кизиќ.

Во однос на тоа дали беше изненаден со одлуката на Парондо да му даде 60 минути на вечното дерби имаше свое видување.

„Пред натпреварот се договоривме да го почнам дуелот. Знаев дека ќе бранам од почеток, но дека ќе добијам шанса да бранам 60 минути тоа не го очекував. Никогаш не можете да бидете сигурни во тоа како ќе го одбраните натпреварот, но драго ми е што успеав да ги оправдам очекувањата“, изјави Кизиќ.

Со оглед на добрата форма нема да биде изненадување доколку добие шанса да брани и в сабота против тимот на Железничар во Ниш.