Марко Богдановски: Добрите решенија на тренерот нè донесоа до победа

Металург jуниор викендов во рамките на Групата 2 од Првата лига го совлада Текстилец со 25:22. Откако си обезбеди предност на полувреме од 13:7, до крајот победата им висеше бидејќи Текстилец влезе во ритам и за малку ќе го загрозеше противникот.

Еден од виновниците за добрата партија на Металург јуниор во првиот дел беше голманот, Марко Богдановски кој на овој натпревар собра седум интервенции.

Тој не го крие задоволството од постигнатиот резултат, но додаде дека заморот си го направил своето и не дозволил победата да биде поубедлива.

„Денеска одигравме сосема солидно, но можеше да биде и доста подобро бидејќи имавме неколку недостатоци и бевме уморни, но се надевам дека ќе се поправиме во иднина“, вели првиот голман на Металург јуниор.

Текстилец своите најдобри моменти ги имаше во вториот дел кога успеа да ја намали негативата и да се доближи резултатски до противникот, но, сепак, предноста која ја имаше Металург јуниор во првиот дел испадна преголем залак за гостинот од Штип.

„Добро играа, можеби и не се физички подготвени колку што сме ние. Го добивме овој натпревар на сила и секако со ум бидејќи тренерот имаше добри решенија и тоа го одлучи победникот“, заврши Марко Богдановски.

После овој триумф тимот на Металург јуниор го зазеде првото место во групата 2 од Првата машка лига и со 11 бода е лидер пред Вардар Неготино и Астраион кои имаат по десет поени после пет одиграни средби.