Марковски: Левов заслужува остра санкција

Во последно време македонска ракометна јавност е сведок на немили сцени на ракометните терени. Една таква беше видена минатиот викенд во Радовиш, по која двајцата инволвирани ракометари, Милан Левов и Адли Ашраф добија сини картони, а најверојатно ќе добијат и суспензија од неколку натпревари. Тренерот Иван Марковски освен на немилите сцени се осврна и на лошите финалните минути на неговите избраници, по кои Еурофарм Работник иако имаше висока предност, на крај мораше да се задоволи само со бод.

„Мислам дека бевме неодговорни кога најмногу ни требаше концентрација и фокусираност и сметам дека неодговорноста како тим и на инвидуалци е причината за ремито во Радовиш, кое сметам дека требаше да биде наша победа. Мора да бидеме повнимателни, да играме смирено и само така можеме да чекориме по прав пат. Првенството е долго, имаме уште многу натпревари, но и покрај сите проблеми, ние го имавме натпреварот во свои раце и штета што заради наши наивни грешки не успеавме да го добиеме. Сакам да потенцирам дека мечот беше коректен, немаше никакви притисоци или инциденти, со исклучок на ударот на Милан Левов, кој заслужува остра санкција.“ – изјави Марковски заклупскиот веб-сајт.