Манге за 24Ракомет: Вардар може до титулата во Лигата на шампионки!

Изминатиот викенд во Скопје претстојуваше најквалитетната француска екипа во моментот. Флори е лидер во домашниот шампионат, но и финалист во Купот на куп победници. Една од лидерките на тимот од северниот дел на Франција е шпанската репрезентативка Марта Манге. Искусниот централен бек е мотор на шпанската ракометна репрезентација повеќе од една деценија. По вториот натпревар за 24Ракомет Манге со свој став за македонскиот шампион:

Вардар е врвен тим, со добри ракометарки. Ми се допаѓаат Скопје и условите кои ги има овој клуб. Сметам дека Вардар може да победи на Фајнл Фор турнирот во Будимпешта, доколку одигра концентрирано во одбрана. Тие имаа брза и убиствена контра предводена од Сираба Дембеле и добри бекови. Им посакувам успех на завршницата од Лигата на шампионите.

Сезоната помината во српскиот клуб Зајечар, за Марта Манге претставува драгоцено искуство и запознавање со балканскиот ракомет.

Можам да констатирам дека тука се игра „физички“ ракомет, со повеќе контакти за разлика од Франција каде се игра побрзо.

Флори оваа сезона покрај тоа што сигурно чекори до трофејот во француската лига, успеа да се пласира во финалето на КПК, каде ги очекува поранешниот дански шампион Митјеланд.

Ние играме во финалето на КПК, противникот е доста силна и незгодна екипа на Митјеланд и треба да се подготвиме добро пред тие натпревари. Тие играат брз скандинавски ракомет, а нивната екипа игра одлично оваа сезона, затоа овие две контролни средби се огромна предност за нас.