Манасков, Серафимов, Додиќ и МАКС Струмица се рекордерите во СЕХА!

На денот кога стартува завршниот турнир во СЕХА лигата, медиа тимот на регионалното натпреварување објави интересна компилација со симболично име: Осум рекорди за осум години.

Во овие рекорди инволвирани се Макс Струмица, која имаше епизодна улога пред три сезони во СЕХА, но држи еден негативен рекорд, како и Дејан Манасков, кој беше дел од шампионот Вардар само една година, но останаа запишани неговите 17 голови против струмичкиот тим, како рекорд на најмногу постигнати голови на еден дуел.

Тука се и двајцата членови на Металург, Мартин Серафимов и Стефан Додиќ, кои оваа сезона го запишаа своето име меѓу рекордерите.

Најмногу голови на играч во едно полувреме:
Радослав Антл 10 (Татран Прешов – Макс Струмица, 31/10/2015)
Дејан Манасков 10 (Вардар – Макс Струмица, 42-27, 2/12/2015)
Блаж Јанц 10 (Целје – Горење, 34-28,15/11/2016 )

Најмногу голови на играч на натпревар:
Дејан Манасков 17 (Вардар – Макс Струмица, 42-27, 2/12/2015)
Радослав Антл 17 (Татран Прешов – Макс Струмица, 31/10/2015)

Од останатите рекорди, Бруно Буторац поделил најмногу асистенции на еден дуел, вкупно 12 за Татран Прешов против Мешков Брест. Тибор Иванишевиќ, Урбан Лесјак, Иван Стевановиќ и Иван Пешиќ, имаат забележано по дури 23 одбрани на еден натпревар.

Момир Илиќ и Мартин Серафимов имаат погодено најмногу пенали на еден дуел, вкупно девет, за Веспрем против Војводина и за Металург против Железничар, додека натпревар со најмногу голови е оној меѓу Татран и Нексе со вкупно 80, 43-37.

Најмлад играч што настапил на некој натпревар во СЕХА е надежта на Металург, Стефан Додиќ, кој имаше 15 години и 221 ден кога играше против Татран во октомври минатата година.