Манасков одличен, Рајн Некар го декласираше шампионот Киелце

Германскиот шампион ја забележа третата и најважна победа во Лигата на шампионите откако вечерва во Киелце славеше со убедливи 26-34 против актуелниот европски првак.

Составот на Душебаев ја имаше почетната предност од 2-0, но германците бргу изедначија и внесоа неизвесност во натпреварот. Средината на првото полувреме беше клучна за победата на Рајн Некар откако со низа до 5-1 во 20-та минута забележаа три погодоци предност (10-13).  Сепак домашниот тим не дозволи будеслигашот да се радува на победата уште во првиот дел и до крајот на полувремето дојде на негатива од само еден гол за конечни 15-16.

Веднаш по паузата со серија од 5-0 Рајн Некар го означи почетокот на крајот за полскиот шампион. Петте голови се задржаа до средината на полувремето кога германците го зададоа последниот удар и со серија 4-0 ја најавија својата победа на овој дуел. Во 52-та минута Дејан Манасков ја донесе првата двоцифрена предност за Рајн Некар, а до крајот на овој меч домаќините успеаа да намалат само два погодока од високата разлика за конечни 26-34.

Најпрецизен на дуелот беше Биелецки со осум погодоци, а Агинагалде додаде уште пет во поразот на Киелце. Кај Рајн Некар најпрецизен беше пивотот Баена со седум голови, Шмид постигна шест, додека Ларсен имаше пет реализирани удари. Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков постигна четири голови од шест обиди за својот тим.

Со оваа победа Рајн Некар Ловен се враќа во врвот на табелата од групата Б, каде еден бод предност имаат Вардар и Киелце. Во следното коло германскиот првак ќе игра против ППД Загреб на домашен терен, додека Киелце му гостува на Вардар во Скопје.