Манасков одличен, но славјето за Загреб против Рајн Некар

Со натпреварот меѓу ППД Загреб и Рајн Некар Ловен продолжи деветото коло од Лигата на шампионите во групата Б. Составот на македонскиот репрезентативец Дејан Манасков не успеа да ја потврди победата од Манхајм, затоа бодовите останаа во Загреб и пред неделниот дерби натпревар меѓу Киелце и Вардар му овозможија на македонскиот првак од првата позиција на табелата да замине за Полска.

201711020102077_8

По воведните 10 минути неизвесна и изедначена игра, гостите од Рајн Некар со пет голови во низа успеаа да создадат капитална предност (5-10) која се одржуваше во текот на целото прво полувреме. Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков го предводеше нападот на германските прваци, со четири погодоци од исто толку обиди. Домаќините се заканија и не дозволија да бидат комплетно надиграни, па затоа во 22-та минута резултатот на семафорот покажуваше на 8-11. Сепак „плинарите“ немаа сили за финиш на првиот дел кој им припадна на гостите со конечни 10-15. Сигурдсон во финишот на првиот дел имаше шанса од пенал линијата да го постави највисокото водство, но голманот Скок го прочита тој удар.

Во вториот дел видовме комплетно нова слика на ППД Загреб, Рајн Некар немаше решение за одбраната на „плинарите“. Домаќините беа супериорни и не дозволија Рајн Некар Ловен да постигне гол цели десет минути. Затоа Загреб по десет минути го изедначи резултатот на 15-15, а веќе по 45 минути домаќините имаа високо водство од 18-15, кое се зголеми до 21-17 (48′). Но германската машинерија не дозволи комплетен распад на нивната игра. Бундеслигашот преку Грецки и Егдал де Риц го вратија Рајн Некар на еден гол разлика (21-20), и тоа беше сè што можеа да направат до самиот крај. Следуваше последниот удар на хрватите со серија од 4 голови со кои се вратија на +4 (24-20) за мирна завршница. По шеесет одиграни минути домаќините славеа втора победа по онаа над Вардар, овојпат од 25-21.

Најпрецизен во составот на Загреб беше Игор Вори со 4 голови, додека Валчиќ и Хорват го следеа со по три. Кај Рајн Некар најпрецизен беше Дејан Манасков со 5 голови од исто толку обида, додека Менсах Ларсен постигна четири погодоци.