Манасков не доаѓа во Скопје, ќе ги чека соиграчите на Исланд!

Левото крило на македонската репрезентација Дејан Манасков, кој вчера имаше натпревар од Купот на Унгарија против ПИК Сегед, нема да дојде на собирот на националниот тим.  Тој ќе ги чека соиграчите во Рејкјавик, затоа што нема логика денеска да патува од Унгарија до Македонија, а утре да тргне на пат со два авиони до исландската престолнина.

Од унгарската престолнина Будимпешта, има директен лет до Рејкјавик во текот на утрешниот ден во раните утрински часови, па Манасков нема да изгуби многу време во пат и одморен ќе ги чека соиграчите. Велешанецот вчера заработи расекотина на главата, откако дефанзивецот на ПИК Сегед, Ален Блажевиќ го удри со лакот.

Сепак тој би требало да биде подготовен за дуелот против Исланд, кој ќе се игра в среда на 10 април со почеток во 21:45 часот.