Манасков: Мора да го победиме Тунис со поголема гол разлика, и да се молиме за позитивна разврска во последното коло!

Лош старт за Македонската ракометна репрезентација на квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ 2016 во Рио. Не се исполни желбата да го изненадиме домаќинот и веќе по првиот натпревар да бидеме многу блиску до Рио. Дејан Манасков смета дека нашата репрезентација лошо влезе во овој дуел кој што побрзо треба да биде заборавен. Утре е нов ден, нов натпревар во кој треба да се извојува победа со поголема гол разлика ако посакуваме пласман во Рио.

Знаевме дека ќе биде тешко. Полска е домаќин и фаворит на овој турнир. Не знам, можеби влеговме многу опуштено и деконцентрирано во натпреварот. Противникот поведе, ние успеавме да се вратиме, но по неколку промашени зицери и технички грешки Полјаците успеаа повторно да се одлепат и до крајот успеваа да ја одржат разликата.

Во последните десетина минути се обидовме да спасиме колку можеме. Не знам дали овие пет разлика се премногу, треба што побргу да заборавиме на овој натпревар, утре е нов ден, нов натпревар каде треба да победиме со поголема гол разлика против Тунис, и да се молиме во последното коло Полска да го победи Тунис, а ние Чиле.