Манасков: Можеме да победиме секого!

На денешната програма во елитното натпреварување најголемо внимание привлекува мечот во Франкфурт меѓу Вардар и Рајн Некар Ловен. Прваците на Македонија и Германија за прв пат оваа сезона ќе ги вкрстат копјата во натпревар кој ќе има големо влијание за конечниот изглед на табелата. Во седмото коло победа за било која од двете екипи значи челна позиција на табелата во група Б.

Но, овој дуел ќе добие една посебна нота бидејќи македонскиот репрезентативец Дејан Манасков ќе се соочи со некогашните тимски колеги за прв пат откако го напушти Вардар. Токму тоа беше причина и повод за интервјуто кое го направи официјалниот сајт на „лавовите“ од Манхајм со македонското крило. Во него Манасков говори за значењето на ракометот на Балканот, за заминувањето од Металург и Вардар како и очекувањата од денешната средба и гостувањето во Скопје.

РК Целје, РК Вардар, РК Загреб… Многу балкански клубови се дел од Лигата на шампионите. Што е значењето на ракометот во вашата земја?

Манасков: Ракометот има огромно значење. Ако Југославија сè уште постоеше, овој национален тим, најверојатно, ќе играше за злато на секој турнир. Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Босна и Црна Гора имаат многу добри ракометари. За жал, тоа не е забележливо во клупскиот ракомет. Клубовите немаат спонзори, а економски стабилен е само РК Вардар. Тоа е причината зошто толку многу ракометари од Балканот играат во странство.

Долго време игравте за Металург Скопје, а потоа се одлучивте да преминеме во Вецлар, пред да се вратите во Скопје во Вардар. Дали имате недоразбирање со фановите на Вардар, поради вашето минатото?

Манасков: Ако сте играле толку многу години за Металург, а потоа одеднаш облечете дрес на Вардар, тоа е посебна ситуација и малку чудна. Како за навивачите, така и за мене. Ривалството меѓу двата клуба е едноставно огромно.

Како дојде до збогум со Металург?

Манасков: Бевме многу добар тим во тоа време, голем дел од Металург настапуваше  во македонската репрезентација и одлично се согласувавме. Бевме пријатели и колеги. Но, одеднаш клубот влезе во финансиски потешкотии, сопственик на клубот Минчо Јорданов ја намали својата инвенстиција во спортот. Тоа започна да се забележува бидејќи тој исто така го финансира женскиот тим, фудбалерите и карате клубот. За жал, нашиот тим се распадна. Но, мислам дека Металург наскоро повторно ќе има поголема  улога. Постојат неколку многу талентирани играчи во сегашниот тим.

Кога лавовите настапуваат во Скопје, секогаш ги дочекува пеколна атмосфера. Тие секогаш беа импресионирани од атмосферата или сценографијата. Дали секогаш има таква атмосферата?

Манасков: Во повеќето натпревари од Лигата на шампионите и во СЕХА-лига против силни тимови како што е Веспрем. Освен тие натпревари во спортската сала не се случува многу. Сепак, мора да се каже дека ракометот е број еден спорт во Македонија.

Ждрепката за Лигата на шампионите покажа дека ќе се сретнете во групната фаза со вашиот поранешен клуб Вардар Скопје. Дали е тоа посебен натпревар за вас – особено кога станува збор за дуелот во Македонија?

Манасков:  Не ми е гајле како ќе бидам примен и дочекан во Скопје. Навистина само сакам да го одиграм овој натпревар. Со нетрпение го очекувам тоа. Во четвртокот, прво ќе играме во Франкфурт. Ние сакаме да победиме, се разбира. Сакаме да бидеме лидери на табелата, да заминеме во Скопје полни со самодоверба. После натпреварот кој го одигравме во Келце, можеме да  победиме било кого.

Дуелот од седмото коло во Лигата на шампионите меѓу Рајн Некар Ловен и Вардар е закажан за 19:00 во Франкфурт.