Манасков во Вецлар до крај на сезоната

Трансферот на Манасков во Бундеслигата, денес доби потврда од ракометниот клуб Вецлар за кој ќе настапува 22-годишното репрезентативно крило на Македонија. По неочекуваниот крај на моќниот Металург, сите репрезентативци добија одврзани раце да заминат во финансиски исплатливи екипи. По Филип Миркуловски, Манасков е вториот ракометар на македонскиот шампион кој ќе ја доигра сезоната во германската лига. Манасков ќе биде сведок и на последните четири месеци од активната кариера на легендарниот Ивано Балиќ, а со поранешниот клупски колега Владан Липовина повторно ќе заиграат во ист дрес.
Дејан Манасков ќе го замени Максимилијан Холст кој заработи повреда на предните вкрстени лигаменти на почетокот на сезоната и не е во можност да му помогне на својот клуб додека тече рехабилитацискиот процес. Вецлар е на десеттото место на табелата, а заостанува четири бодови до место кое води во европските купови.