Макс Струмица во трилер завршница запиша нова плеј-оф победа

По шест одиграни кола тимот на Работнички се уште ја бара својата прва победа. Вечерва во Струмица го одигра својот втор натпревар против истиот противник, но победата повторно ја испуштија од раце. Со резултат 33-32 условниот гостин Макс Струмица во спортската сала „Парк“ се радуваше на нови три бода во македонскиот шампионат.

Во деби настапот на (старо) новиот тренер Благоја Весиќ, Работнички имаше одлично отворање на натпреварот, а водството од два погодока го одржуваше до осмата минута. Со серија од 5 погодоци во низа ракометарите на Струмица ја вратија контролата над играта и за прв пат поведоа на овој меч. Но Работнички не се предаде, го возврати ударот и во финишот на првите триесет минути имаше четири погодоци предност, а на пауза двете екипи заминаа со резултат 18-15 во корист на скопскиот тим.

Клучни за конечниот исход на натпреварот беа почетните минути од вториот дел, кога „рисовите“ постигнаа пет погодоци, а Работнички само еден. Во продолжение играта „гол за гол“ ги менуваше двете екипи во водство. Струмичани во поголемиот дел од полувремето ја имаа контролата над резултатот, но во средината на вториот дел дозволија Работнички повторно да ја врати предноста од еден подогок. Во супер интересна завршница во која ракометарите на Струмица имаа и два погодока предност (последно 29-31), двете екипи влегоа во последната минута изедначени на 32-32. Мирко Мајиќ стави точка на овој натпревар за конечна победа на Макс Струмица од 32-33 и нови три бодови во битката за третата позиција.

Најпрецизен во составот на Струмица беше Борче Соколов кој постигна 10 погодоци, Мирко Мајиќ стрелаше прецизно 9 пати, додека Везенковски постигна 5 голови за својот тим. Кај Работнички најрасположен беше Никола Маркоски со 12 голови, Вања Илиќ постигна 9, додека Златко Мојсоски ги следеше со 5 голови.