Максимов со позитивни вибрации кон Автокоманда: Сега ќе ги победиме Мотор и Металург пак ќе може да биде втор

Ракометарите на Металург не успеаја да ја продолжат убавата серија во Лигата на шампионите и загубија во се чини решавачкиот натпревар за останување во трка за втората позиција. По Бешикташ, Чеховски Медведи е втората екипа што успеа да слави сезонава во Скопје, овојпат со резултат 26:29. Голманот на гостите Дмитри Павленко истакна дека колегите помогнале во одбраната, затоа борбеноста на Металург не се исплатела на крајот.

„Ова е наша прва победа во ова натпреварување. Моите соиграчи многу ми помогнаа во одбраната и немаше да можам да бранам добро без нив. Металург беше борбен до самиот крај, но сепак ние се радувавме.“

Тренерот на гостите, Владимир Максимов истакна дека одбраната го добила овој натпревар.

„Нашата одбрана беше одлична на стартот на натпреварот и потоа лесно ги користевме грешки што ги правеше Металург и кога играа без голман, па постигнавме 4 голови на ваков начин. Голманот Павленко имаше одлична вечер. Тој бранеше добро и да резимирам дека одбраната и голманот се најзаслужни за победата.“ – истакна Максимов.

Сега Металург е во незавидна позиција откако загуби драгоцени бодови од последнопласираната екипа во групата Д. Тоа значи и дека практично ја губи битката за втора позиција во групата, затоа Максимов смирува.

„Сега ќе ги победиме Мотор Запорожје следната недела и разликата повторно ќе се врати на три бодови. Ќе имате шанса.“ -со насмевка прокоментира рускиот тренер.